Фотографијата зачувува само еден мал пресек во времето. И покрај тоа што е невозможно во целост да ја долови есенцијата на објектот којшто се фотографира, таа може да го натера гледачот да ја насети неговата суштина. На ист начин можеби и каменот којшто се користи за градење не може целосно да ја долови душата на градот и неговиот мирис и звук, но може да не натера да го насетиме неговиот дух преку трагите кои ги оставаат сите оние претходни генерации луѓе што чекореле по камењата на градот или живееле меѓу неговите ѕидови.
Изложбата ЕРУСАЛИМ се состои од фотографии направени 2018 и 2019 година во древниот град, фокусирајќи се претежно на оние свети места и градби кои се најзначајни за христијаните. Овие фотографии суптилно се обидуваат (без)временски да го отсликаат оној период од постоењето на градот, во оние триесет и три години кога Тој се родил, живеел, бил распнат и воскреснал меѓу оние ѕидини… Оваа серија фотографии се лично видување и соочување со тие места, со надеж дека ќе можам да ја достигнам внатрешната рефлексија на сопствените световни и свети светови. Овој фото-аџилак беше поклоничко патување кое требаше дополнително да ме зацврсти во верата или можеби да ме разубеди, додека направените фотографии беа само белешки, само трошки кои ги оставав зад себе по патот, со надеж дека по нив пак ќе се вратам еден ден, дека повторно ќе ме донесат кон тие извори на чувства и камења полни живот и приказни.