Фотографијата зачувува само еден мал пресек во времето. И покрај тоа што е невозможно во целост да ја долови есенцијата на објектот којшто се фотографира, таа може да го натера гледачот да ја насети неговата суштина. На ист начин можеби и каменот којшто се користи за градење не може целосно да ја долови душата на градот и неговиот мирис и звук, но може да не натера да го насетиме неговиот дух преку трагите кои ги оставаат сите оние претходни генерации луѓе што чекореле по камењата на градот или живееле меѓу неговите ѕидови.
Фотографиите што се претставени овде се само мали остатоци од тие дамнешни сеќавања, дел од таа тогашна светлина и време заробено на хартија. За жал немаме податоци за тоа кои биле фотографите кои ги оставиле овие сведоштва.Фотографирањето во тоа време не било воопшто едноставен, ефтин и лесен процес како денес. Многу ретки биле оние кои поседувале и знаеле да користат фотоапарат, да развиваат негативи или стаклени плочи и потоа да ги претворат во позитиви испечатени на парче хартија. Најчесто фотографиите се правени со цел документирање и промовирање на новите територии потпаднати под новата власт за моментот, некои заради воени цели, други како додаток во некои репортажни текстови… А некои фотографии единствено заради радоста на споделувањето, правени како картички со кои се испраќал поздрав и се купувале од студијата на фотографите. Несомнено потребни се понатамошни посериозни истражувања низ архивите на соседните држави и низ нашите за да се докомплетира овој сегмент од нашата визуална историја.